19 - 22 октомври 2023

en mk
20 октомври Национална опера и балет, 22:00 НОБ, 22:00

SYLVIE COURVOISIER/MARY HALVORSON DUO

Купи билет

SYLVIE COURVOISIER пијано

MARY HALVORSON гитара

Силви Курвоазие и Мери Халворсон се прославени современи импровизаторки кои на апстракцијата ѝ пристапуваат од две различни перспективи: Курвоазие како пијанистка што ги премостува фри џезот и европската класична музика, и Халворсон како деконструктивна гитарска импровизаторка, силно поврзана со бруклинската авангардна џез сцена. Нивните индивидуални проекти се познати по разбивањето на добро увежбаните обрасци и користењето деконструктивни методи за извлекување од музичарите нешто што останало скриено од нив во нивното сопствено творештво. „Searching for the Disappeared Hour“ ја означува втората соработка на овие две уникатни музички појави. Нивниот прв заеднички потфат, албумот „Crop Circles“ (2017), беше снимен по само еден одржан концерт (во сега веќе непостоечкото њујоршко Cornelia Street Café) и претставуваше своевидна адаптација на постоечките композиции за дуо формат. Спротивно на тоа, музиката на „Searching for the Disappeared Hour“ (2021) е компонирана исклучиво за дуото, користејќи ги придобивките од нивната неверојатна хемија и блискост, создадени за време на турнеите низ Европа и САД. Музиката на Силви Курвоазие и Мери Халворсон има во себе нешто треперливо, понекогаш збунувачко, а на слушателите им задава возбудлива задача: да ги замислат заедно конструкцијата и негацијата како процес, да ги слушаат хармониите во нивната декомпозиција, да го разберат непознатото како утописка потрага по поинаков јазик, накратко: како една прекрасна авантура.