Svetlost + Odron Ritual Orchestra е голем ансамбл оформен како продолжение на успешната авторска соработка на Кристијан Новковски, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски во триото Светлост. Замисленa како отворена платформа за соработка со музичари од различни профили, музиката на овој состав се менува во зависност од луѓето вклучени во конкретен проект - најчесто е информирана од стилски правци како слободен џез, пост-рок, електро-акустична музика, минимализам и амбиентална музика. Композициските рамки на Новковски / Омерагиќ / Спировски се плодно тло за звучна интеракција на ансамблот - каде што се замаглени границите на формалното и слободното. Во септември минатата година го издаваат своето деби LP „Odron Ritual Orchestra“ кое се најде на неколку релевантни листи на најдобри џез албуми во 2019 - вклучително и онаа на независната музичка платформа Bandcamp, како и во поширокиот избор на јавната радио мрежа на САД - National Public Radio.