Прочуениот словенечки перкусионист, тапанар и композитор Златко Каучич е познат по своите бројни албуми (повеќе од шеесет), како и по составите со кои настапувал со светски познати музичари како Стив Лејси, Александар Баланеску, Еван Паркер, Петер Броцман, Пол Блеј, Кени Вилер, Аб Барс, Пол Мекендлес, Бери Гај, Аугусти Фернандез, и многу други. Bravery of the Brave („Храброста на храбрите“) е негов музички проект посветен на луѓето кои, и покрај пречките, покажуваат извонредна волја и сила да се спротивстават и да истраат. Златко Каучич ја презема улогата на композитор, уметнички директор и диригент на ансамбл, во кој настапуваат негови поранешни студенти, како и реномирани италијански гости. Станува збор за општествено и политички мотивирана музичка суита, посветена на борците, поединците и групите кои не се откажуваат и се борат за доброто на заедницата. Ова е политичка музика, но не само затоа што изразува припадности и разлики, туку и затоа што предлага општествена, заедничка и партиципативна практика. Суитата беше изведена и делумно снимена во октомври 2021 година, на италијанскиот фестивал Jazz & Wine of Peace, во периодот на еден од најтешките моменти на политичката, епидемиолошката и општествената криза. Албумот доби највисоки можни оценки. Во 2024 година, во светло на неодамнешните настани, проектот беше обновен под наслов („Bravery of the Brave: Free Palestine“), а концертите продолжуваат и во наредните години.