Документарен филм за легендарниот американски џез-басист Рон Картер, интимен портрет на „тивкиот гениј“ кој зборува преку својата музика и успеал да го изведе контрабасот од заднината и да го стави во центарот на вниманието. Филмот ја истражува неговата извонредна кариера како басист, која трае повеќе од 60 години. Во него Картер и други истакнати музичари споделуваат искрени приказни и сеќавања. Филмот се снимаше во период од шест години и вклучува интервјуа и настапи со Херби Хенкок, Сони Ролинс, Џон Батист, Кристијан Мекбрајд, Џорџ Бенсон, Стенли Кларк, Виктор Вутен и други. За Рон Картер, „пронаоѓањето на вистинските ноти“ не било само доживотна потрага по уметничките избори што внесуваат магија во неговата музика. Тоа било и потрага по лични избори што влијаат врз квалитетот на сопствениот живот и оставаат трага врз животите на другите.Кога неговиот траен сон да стане класичен музичар не се остварил, Картер се свртел кон џезот и не само што целосно го прифатил, туку и ја променил насоката во која се развивал џезот. Филмот ја прикажува неговата истрајност и посветеност низ погледот и слухот на овој исклучително продуктивен уметник, влијателен педагог и тивок, но упорен активист.