19 - 22 октомври 2023

en mk
21 октомври Национална опера и балет, 20:00 НОБ, 20:00

JASON MORAN SOLO

Купи билет

JASON MORAN пијано

Од неговото громогласно појавување на музичката сцена во доцните 90-ти (во квартетот на алт-саксофонистот и воедно ловец на врвни таленти, Грег Озби), џез-пијанистот Џејсон Моран докажа дека е многу повеќе од брилијантен изведувач. Неговата музика комбинира сиров, кинетички експресионизам и беспрекорен романтизам, преполни со идеи инспирирани од некои од најскриените одаи на џез-пијано пантеонот. Долгогодишната соработка на Моран со Blue Note Records резултираше со девет високо оценети албуми. Има настапувано и/или снимано со артисти како Вејн Шортер, Касандра Вилсон, Чарлс Лојд, Дејв Холанд, Дон Бајрон, Џо Ловано, Стив Колман, Ендрју Хил (дуо), Ури Кејн (дуо), Арчи Шеп (дуо), Сем Риверс, Ли Кониц, Пол Мотиан, Крис Потер, Кристијан Мекбрајд и многу, многу други. Добитник е на бројни награди и почести, меѓу кои и престижниот американски „грант за генијалци“ МекАртур во 2010 година. Моран објави серија исклучително квалитетни проекти, како од концептуален така и од звучен аспект, покажувајќи ја својата извонредна интелигенција, духовит пристап и истражувачки сензибилитет. Последното гостување на овој блескав уметник на Скопскиот џез фестивал беше во 2008 година, кога се претстави со своето оригинално трио Bandwagon (со басистот Тарус Матин и тапанарот Нашит Вејтс). На годинешното фестивалско издание имаме прилика да го доживееме соло и да уживаме во интимниот пијано перформанс на еден од најпровокативните мислители на модерниот џез.