Шведскиот трубач, композитор, аранжер и продуцент со хрватско потекло, Горан Кајфеш, предизвика невообичаена возбуда и радост со неговиот Subtropic Arkestra, веројатно најдобриот од многуте бендови со афробит, етио-џез и биг-бенд фанк влијанија. Иако постојано си поигруваат со жанровите, несомнено е дека џезот, во сите негови чудесни облици, е главната состојка на нивната музика. Што не е изненадувачки со оглед дека бендот го сочинуваат некои од најдобрите шведски џез музичари, како што се Јонас Кулхамар, Јохан Бертлинг и Пер 'Русктрас' Јохансон. Во последниве години овој еклектичен џез колектив освои Греми и низа пофалби од светската публика, како и од музичката критика (Uncut, Mojo, Wire, The Guardian, New York Times и Jazz Journal) за нивната албумска трилогија „The Reason Why“. Бендот допира најразновидни културни пејзажи: ерменски фолк танц, турски психоделичен фанк, весела бразилска музика, шведски експериментален рок од 70-тите, нигериски афробит, етиописки звуци, американски инди-рок, космички џез во стилот на Sun Ra и многу, многу повеќе! Без разлика од која точка започнува нивното музичко патување, музиката е претставена со неверојатна страст и сензуална свежина што овој состав го чини толку посебен и специјален. Subtropic Arkestra е врвен доказ дека музиката го прави животот вреден за живеење.