Гард Нилсен е норвешки тапанар, композитор, продуцент и лидер на бенд кој живее во Осло. Тој е еден од најбараните и најактивните тапанари на европската џез сцена денес, кој минува околу 200 дена во годината во патувања низ целиот свет со своите бендови Gard Nilssen Acoustic Unity, Bushman's Revenge, sPacemonKey, Amgala Temple, Ruby и Gard Nilssen’s Supersonic Orchestra. Нилсен потекнува од семејство на перкусионисти, па изборот на тој инструмент беше очекуван. Неговото свирење се опишува како енергично, креативно, музикално, груви, бестрашно и динамично. Свирел и бил на турнеи со Бил Фризел, Пет Метини, Томаш Станко, Џошуа Редман, Амброуз Акинмусире, Крис Потер, Џанго Бејтс, Буге Веселтофт, Стиан Вестерхус, Томас Морган и Мајк Стерн, меѓу другите. Неговиот Supersonic Orchestra е несомнено спектакуларен. Тоа е, всушност, неговиот оркестар од соништата, основан во 2019 година, кога Нилсен беше „artist in residence“ на фестивалот Molde Jazz. Нема потреба да се трошат зборови за музичарите, освен фактот дека сите посебно се силни лидери на бендови и импровизатори од светска класа. Музиката е енергична, сугестивна, динамична, креативна и експлозивна, инспирирана од Орнет Колман, Фела Кути, Сан Ра, Алис Колтрејн, Дјук Елингтон, Луис Мохоло и Кертис Мејфилд, со многу простор и место за секој музичар да учествува со својот сопствен израз. Слободна музика, полна со децибели, а сепак мелодична и експресивна.