Искачувајќи го патот од фавелите на Ресифе во североисточниот дел на Бразил до светска џез-икона, Амаро Фреитас неуморно работеше за да стане она што е денес - еден од клучните претставници на новата генерација џез-пијанисти. Инспириран од неговиот најблизок културен супстрат - maracatú, frevo, baião, музиката на Хермето Паскоал и Гизмонти, како и онаа на Паркер, Монк, Колтрејн и Чик Кореа, тој внимателно го моделираше својот стил. Подготвен да ги преиспита традиционалните структури на џезот, Амаро Фреитас поседува звук што ќе ви овозможи да го откриете пијаното на еден нов начин. Поширок интерес за неговиот „толку уникатен пристап кон инструментот што е потресно“ (Downbeat), стекна со своите први два албума „Sangue Negro“ (2016) и „Rasif“ (2018), кои наидоа на бран молскавични признанија и пофалби. Во последните неколку години тој соработуваше, меѓу другите, со Кристијан Скот, Ленине и Милтон Нашименто. Неговиот нов албум „Sankofa“ - духовна потрага по заборавените приказни, античките филозофии и инспиративните фигури на т.н. црн Бразил - е неговото најубаво и најискрено дело досега. Како и на албумот, на концертите Амаро го придружува неговата неверојатно талентирана ритам секција: Хуго Медеирос на тапани и Жан Елтон на бас, со кои има настапувано во низа реномирани клубови и фестивали низ Европа и САД.